Специјалистичка ординација по неврологија
Д-р. ДАНИЈЕЛА

071 357 356 044 333 760 9:00 - 18:00 (Пон - Пет)

ДЕМЕНЦИЈА

ДЕМЕНЦИЈА

Што е тоа деменција?

Деменцијата претставува збир од симптоми на постепено, но прогресивно опаѓање на мозочните функции.За ваквото опаѓање постои органска основа т.е. постепено изумирање на нервните клетки и атрофија на мозокот. Деменцијата најмногу се манифестира преку потешкотии со: когнитивните функции и промени во однесувањето. Во понатамошните фази од болеста се јавуваат и промени во емоциите, говорот, расположението, мотивацијата, временска и просторна дезориентираност, неможност за самостојно донесување одлуки, потешкотии во извршните моторни функции, промени во социјалниот домен сè до потешкотии со контролирано извршување на биолошките функции. Симптомите обично се развиваат полека, но со текот на времето состојбата се влошува до тој степен што настануваат проблеми во секојдневното функционирање на лицето, неможност самото да се грижи за себе.

Лекарите утврдуваат постоење на деменција ако се значително оштетени две или повеќе спознајни функции. Во спознајни функции спаѓаат: помнењето, способноста за говор, разбирањето на информациите, способноста за снаоѓање во просторот, расудувањето и сосредоточеноста. На луѓето со деменција може да им биде тешко да решаваат проблеми и да си ги контролираат чувствата. Тие исто така може да претрпат и промени во својата личност. Симпотмите што ги има некое лице со деменција зависат од деловите на мозокот што се оштетени од болеста. Кај деменцијата некои од нервните клетки во мозокот престануваат да функционираат, ги губат врските со другите клетки и изумираат. Деменцијата обично се засилува со текот на времето. Тоа значи дека постепено се шири низ мозокот и знаците што ги има лицето со текот на времето стануваат полоши.

Кој добива деменција?

Деменцијата може да се појави кај секого, ама опасноста се зголемува со возраста. Повеќето луѓе со деменција се постари, ама важно е да запомните дека повеќето постари луѓе не добиваат деменција. Таа не е нормален составен дел од стареењето, туку е причинета од болест на мозокот. Во ретки случаи деменција се јавува кај луѓе под 65-годишна возраст и тогаш се нарекува „деменција што почнала на помлади години“. Има неколку многу ретки форми на наследна деменција, при која се знае дека деменцијата е причинета од специфична промена на гените. Меѓутоа, во повеќето случаи на деменција не станува збор за такви гени, ама луѓето со семејна историја на заболување од деменција се изложени на поголема опасност.

Што предизвикува деменција?

Постојат многу различни болести што предизвикуваат деменција. Во повеќето случаи не е познато зошто ова заболување се јавува кај луѓето. Некои од најчестите форми на деменција се:

Алцхајмерова болест

Алцхајмеровата болест (Alzheimer’s disease) е најчестата форма на деменција и се јавува во околу две третини од случаите. Таа предизвикува постепено опаѓање на спознајните способности, а често почнува со губење на помнењето.Алцхајмеровата болест се одликува со две ненормални појави во мозокот – амилоидни наслаги и неврофибриларни сплетови. Наслагите се ненормални купчиња од еден протеин што се вика бета амилоид. Сплетовите се врзопи од извиткани влакна составени од еден протеин што се вика тау. Наслагите и сплетовите ја прекинуваат врската меѓу нервните клетки и доведуваат до нивно изумирање.

Деменција на крвните садови

Деменцијата на крвните садови (васкуларна деменција) е нарушување на спознајните способности причинето од оштетување на крвните садови во мозокот. Може да биде причинета од еден единствен мозочен удар или од неколку мозочни удари што се случиле во текот на одреден временски период. Постоењето на деменција на крвните садови медицински се утврдува кога постои доказ за заболување на крвните садови во мозокот и кога спознајните способности се нарушени толку што влијаат врз секојдневниот живот. Знаците на деменција на крвните садови може да се појават одеднаш по претрпен мозочен удар, или може да почнат да се појавуваат постепено како што се влошува заболувањето на крвните садови. Знаците може да бидат различни во зависност од местоположбата и големината на оштетувањето на мозокот. Овој вид на деменција може да влијае само на една или на неколку специфични спознајни функции. Деменцијата на крвните садови може да личи на Алцхајмеровата болест, а прилично често се јавува и мешавина од Алцхајмерова болест и деменција на крвните садови.

Дали се работи за деменција?

Има поголем број здравствени состојби што даваат знаци слични на деменцијата. Тие состојби честопати може да се лекуваат. Во нив спаѓаат состојбите на недостиг на некои витамини и хормони, потиштеноста (депресијата), дејствата од некои лекови, инфекции и тумори на мозокот. Од основна важност е ова заболување да се утврди медицински во раната фаза кога првпат ќе се појават знаците за да се осигури дека на лицето што има некоја здравствена состојба што може да се лекува ќе му биде утврдена таквата состојба и дека исправно ќе се лекува. Ако знаците се предизвикани од деменција, раното утврдување на заболувањето ќе значи и ран пристап до поддршка, информации и лекови.

Кои се раните знаци на деменција?

Раните знаци на деменција може да бидат многу незабележливи, нејасни и може да не бидат веднаш очигледни. Во некои од честите знаци може да спаѓаат:

  • Често губење на сеќавањето што постепено сè повеќе се влошува
  • Збунетост и загубеност
  • Промена на личноста
  • Незаинтересираност за околината и повлекување во себе
  • Губење на способноста за извршување на секојдневните работи

Како може да се помогне?

Засега нема лек за повеќето облици на деменција. Меѓутоа, установено е дека некои лекови може да намалат некои од знаците на болеста. Поддршката е од основна важност за луѓето со деменција, а помошта од семејствата, пријателите и негувателите може да придонесе полесно справување со оваа состојба.

За авторот

Данијела Војтикив Самоиловска

MD, PhD, специјалист невролог

neurodrdanijela@gmail.com

кратко резиме

УСЛУГИ КОИ ГИ НУДИМЕ