Пон-Пет: 09 - 18ч.
Саб: 09 - 15ч.
info@drdanijela.mk
044333760
071357356

[gtranslate]

Деменција

Што е тоа деменција?

Деменцијата претставува збир од симптоми на постепено, но прогресивно опаѓање на мозочните функции.
За ваквото опаѓање постои органска основа т.е. постепено изумирање на нервните клетки и атрофија на мозокот.
Деменцијата најмногу се манифестира преку потешкотии со:

  • когнитивните функции и
  • промени во однесувањето.

Во понатамошните фази од болеста се јавуваат и промени во емоциите, говорот, расположението, мотивацијата, временска и просторна дезориентираност, неможност за самостојно донесување одлуки, потешкотии во извршните моторни функции, промени во социјалниот домен сè до потешкотии со контролирано извршување на основните физиолошки функции. Симптомите обично се развиваат полека, но со текот на времето состојбата се влошува до тој степен што настануваат проблеми во секојдневното функционирање на лицето, неможност самото да се грижи за себе.

Кој добива деменција?

Деменцијата најчесто е заболување на возрасната популација и е поврзана со стареењето и други хронични болести како ризик фактори. Сепак таа не треба да се смета за нормален дел на процесот на стареење.
Постои и нормално, здраво стареење кај кое нема хронични заболувања, ниту се јавува деменција.
Деменцијата во помал процент се јавува пред 65-тата години, тогаш веројатно се работи за генетска предиспозиција или болести кои се јавиле кај пациентите од порана возраст и доведуваат до оштетувања на мозокот.

Што предизвикува деменција?

Постојат многу различни болести што предизвикуваат деменција, најчесто се јавува заради прогресивното невродегенеративно заболување наречено Алцхајмерова болест, кое настанува од се уште недоволно разјаснети парични, при што доаѓа до таложење на патолошки протеини во мозокот и умирање на мозочните клетки. Ова заболување се јавува ширум светот, најчесто кај возрасната популација >70 години. Прв симптом е заборавноста, потоа следи глобално пропаѓање на сите когнитвни функции.
Болеста на крвните садови во мозокот со хронично нарушена циркулација е втора најчеста причина за деменција, т.н. васкуларна деменција. Се јавува како компликација кај пациенти со повеќе хронични болести како: шеќерна болест, покачен крвен притисок, срцеви аритмии, нарушување на метаболизмот на маснотии …
Постојат и други поретки болести кои доведуваат до деменција.

Дали се работи за деменција?

За точна дијагноза потребно е да се направи: невролошки преглед, невропсихолошко тестирање, проширен панел на лабораториски анализи, често и снимање на мозокот (КТМ, МР на мозок).
Истото е важно бидејќи постојат повеќе здравствени состојби кои може да наликуваат на деменција (депресија кај стари лица, хипотироза, дефицит на одредени витамини, тумори и инфекции на мозок , повреди на мозок итн..) а можат да бидат излекувани или подобрени. Важно е правилно и навреме да се дијагностицираат.

Кои се раните знаци на деменција?

  • Често губење на сеќавањето што постепено сè повеќе се влошува
  • Збунетост и загубеност
  • Промена на личноста
  • Незаинтересираност за околината и повлекување во себе
  • Губење на способноста за извршување на секојдневните работи

Како може да се помогне?

Засега нема лек кој ќе ја излечи Алцхајмеровата болест, но постојат лекови кои ги подобруваат симптомите на болеста, посебно ако рано и навреме се започне со терапијата.
Лекарот го советува пациентот и семејството за нефармаколошки третмани кои може да бидат од корист.
Деменцијата може да се превенира со здрав стил на живот ,здрава исхрана, менаџирање на стресот, добра хигиена на сонот, превенција на хронични болести (шеќерна болест, хипертензија..), редовна физичка активност, социјална активност и когнитивна стимулација. …

Ви ги нудиме најдобрите совети и препораки за проблемите од областа на неврологијата и интерната медицина

Контактирајте нѐ и закажете кратка консултација
Побарајте не уште денес:

Закажете преглед